Skip to main content
Балкан

Неизвесна ноќ на Санторини: граѓаните бегаат од островот, многумина утрото го чекаа на улиците и во автомобили, училиштата затворени

03/02/2025  09:59

Жителите на Санторини доживеаја ноќ полна со вознемиреност и неизвесност, по тековната сеизмичка активност која ја вклучи тревогата на островот.

Многу жители на Санторини, стравувајќи од нови силни земјотреси, решија да преноќат надвор или во своите автомобили или на безбедни места определени од општинските власти.

Значителен број граѓани се затекнати во близина на болницата каде што се распоредени сили на ЕМАК за итна интервенција во случај на вонредна состојба. Други се собраа на стадионот Месарија и на отворени простори за да се чувствуваат побезбедно, пишува Прототема.

Интензивната вознемиреност што преовладуваше јасно се одрази во неделата навечер, кога нешто по 21 часот се формираа редици кај туристичките агенции.

Жителите на островот, исплашени од последователни земјотреси, побрзаа да резервираат билети за поаѓање, додека бродовите и авионите изгледаа речиси полни.

Карактеристично за ситуацијата е што цените на авионските билети вртоглаво пораснаа, а последните седишта на релација Санторини – Атина достигнаа 200 евра, што уште повеќе го отежнуваше изборот на моментално заминување.

Бродот Blue Star CHIOS со 1.100 луѓе ќе отплови за Пиреја во зори. Најголем дел од патниците се со албанско потекло. Хотелските работници и персоналот го напуштија Санторини.

Многумина од оние што бегаат од островот стравуваат од цунами.

Во исто време, училиштата на Санторини, Аморгос, Парос, Антипарос и Наксос денеска ќе бидат затворени со одлука на градоначалниците на островот како мерка на претпазливост поради зголемена сеизмичка активност.

Одлуката се однесува на сите училишни единици на островите на сите нивоа, како и на општинските градинки.

Се откажуваат и закажаните настани во затворен простор.

Серија земјотреси кај Санторини од утрово, најсилниот беше 4,2 степени според Рихтеровата скала

Сеизмичката активност продолжува, а експертите внимателно го следат нејзиниот развој, додека властите на островот се на готовност за секаква евентуалност.

Сеизмичката активност меѓу Санторини, Анафи и Аморгос продолжува со несмалено темпо, со повторени земјотреси. Последниот земјотрес е регистриран во понеделник наутро во 7:48 часот по локално време, бил со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала и со епицентар на 28 километри од селото Јоа на Санторини.

Земјотресите буквално се бележат неколку минути, а најсилниот земјотрес утринава е регистриран во 7 часот и 10 минути и бил со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала и со епицентар на 26 километри северо-северозападно од Анафи. Земјотреси се забележани во 7.33, 7.28, 7.24, 7.22, 7.11, 7.04, 6.56, 6.48, 6.39 итн.