
Во рамки на Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!“, младите учесници денес активно работеа во пет интерактивни тематски зони, каде преку дискусија, мапирање на предизвици и формулирање конкретни пораки ги претставија своите гледишта за тоа што е потребно за да се изгради доверба, припадност и иднина во Македонија.
Форумот, во организација на ХЕРА и НМСМ се одржа во Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје, обедини околу 200 млади од различни средини. Наместо класичен конференциски формат, централниот дел од настанот беше посветен на младите како активни учесници – преку тематски зони за младинско учество и локално одлучување, култура, јазик, идентитет и меѓукултурно разбирање, вработување и претприемништво, животна средина и одржливост, како и творечко изразување, простори за млади и културно учество.
Преку овие зони, младите не зборуваа само за проблемите со кои се соочуваат, туку и за решенијата што ги гледаат како неопходни: повеќе слободни и безбедни јавни простори, реални можности за вработување и економска независност, посилно учество во локалното одлучување, поддршка за културно и творечко изразување, почиста животна средина и институции што навистина ги вклучуваат младите во процесите на креирање политики.
На крајот од форумот, пораките и препораките од тематските зони беа преточени во младинска декларација 2026 која е продолжение на младинската декларација 2025 и ја изразува заедничката заложба на младите за општество во кое тие нема да бидат само консултирани, туку ќе бидат препознаени како рамноправни партнери во носењето одлуки. Декларацијата беше потпишана како повик до институциите, локалните власти, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери за посилна, поконкретна и поодговорна поддршка на младите.
„Идејата сама по себе се гради преку судир со други идеи. Нејзината изложеност пред јавноста ја подобрува, ја рафинира и ја преиспитува. ‘Тука сме да останeме’ е токму тоа: основната идеја на надеж од која нашата генерација црпи инспирација“, истакна Виктор Бучковски.
„Заминувањето за нас не е опција. Промените не се случуваат преку ноќ, а уште помалку доколку ние не учествуваме во демократски дозволените процеси.
Нашата генерација не смее да биде само сведок на состојбите, туку мора да биде дел од нивното менување. Останувањето има смисла само ако значи учество, одговорност и борба за подобро општество“, изјави Борјан Ефтимов.
„Културата и идентитетот се социјална инфраструктура која нуди неограничени можности за поврзување и заедничко творење. Со оваа иницијатива ги поттикнуваме младите да ги мапираат главните општествени предизвици, да ги откријат причините зад нив и гласно да кажат што треба да се промени во процесот на одлучување“, истакна Стефан Александар, модератор на Culture and Identity Hub.
Во рамки на дискусиите за вработување и идни економии, Ивона Трајановска посочи дека Future Makers Lab е простор каде младите не само што дискутираат за иднината, туку активно размислуваат како да ја создаваат. Игор Антов нагласи дека младите имаат потенцијал својата енергија да ја насочат дома, наместо кон обезбедување документи за заминување во странство, доколку добијат реални можности, поддршка и перспектива.
Во Green Voices Corner, младите разговараа за еколошките предизвици, локалните иницијативи и потребата животната средина да стане поважен дел од младинските и локалните политики. Петар Керамитчиев, модератор на зоната, потсети дека „состојбата со животната средина во Македонија сè уште е сериозен предизвик“, но охрабрува фактот што младите сè повеќе се вклучуваат преку еколошки иницијативи, протести и локални акции.
Посебен фокус беше ставен и на културните и креативните простори како предуслов за слободно изразување, критичко мислење и градење заедници. Ивана Јовановска истакна дека „културните простори се нашата слобода и простор за развој на прогресивен дискурс“, додека Надица Банишка нагласи дека „на младите им требаат безбедни простори за социјализација и творење каде што можат да негуваат критичка мисла и да создаваат визии за овој град“.
Од перспективата на младинските политики, Албина Сефадини од НМСМ потсети дека наодите од овогодишниот мониторинг-извештај покажуваат опаѓачки тренд во имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, односно намалување на бројот на младински механизми, политики и сервиси за млади. „Потребна е многу поголема институционална посветеност и вистинска приоритизација на младите“, порача Сефадини.
Форумот покажа дека младите имаат јасни ставови, конкретни идеи и силна потреба да бидат вклучени во процесите што ја обликуваат нивната сегашност и иднина. Нивните пораки од тематските зони ја нагласија потребата од системска поддршка, одговорни институции и политики што се креираат заедно со младите, а не само во нивно име.
„Денес потврдивме нешто што веќе го знаевме – младите во оваа земја ги имаат идеите, енергијата и волјата. Она што им треба е институциите, да ги поддржат и да ја вратат довербата“, заклучи Драгана Каровска Чемерска, програмска раководителка во ХЕРА.
Младинската декларација од форумот останува како заеднички документ и јасна порака: младите се подготвени да придонесуваат, но очекуваат систем што ќе ги слуша, ќе им верува и ќе им отвори простор да останат и да создаваат тука.
Форумот го организираше ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Природно математичкиот факултет при УКИМ и со поддршка на RYCO – Регионалната канцеларија за младинска соработка преку германската развојна соработка, во рамки на проектот Youth Connect: Building Inclusive Participation Through Local Partnerships.

