
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати јавен повик до поранешни припадници на Полицијата, Армијата и противпожарните единици да се приклучат во борбата против шумските и пожарите на отворен простор во текот на летната сезона.
Според повикот што го објави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, се бараат лица за ангажман како возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарни пумпи и оператори со противпожарни водни ранци и метли.
Станува збор за ангажман на специјалните противпожарни возила на Дирекцијата, меѓу кои 22 „Пинцгауери“, пет „Хермелини“ и 15 оклопни транспортери БТР, кои се пренаменети за гаснење пожари.
За тримесечниот ангажман, кандидатите ќе добиваат нето надоместок од 44.000 денари месечно, односно вкупно 132.000 денари или околу 2.150 евра. Од ДЗС потенцираат дека на пензионираните кандидати пензијата нема да им биде прекината, туку покрај неа ќе го добиваат и договорениот месечен надоместок.
Работното време ќе биде прилагодено на потребите на теренот. Ангажираните ќе бидат повикувани во деновите кога има зголемен број пожари и ќе остануваат на терен онолку долго колку што бара ситуацијата. Слободните денови ќе се користат во договор со раководството, а ќе биде овозможено и користење на годишен одмор.
Право на пријавување имаат поранешни припадници на Полицијата, Армијата и противпожарните единици со најмалку пет години работно искуство, без разлика дали се пензионирани или од други причини повеќе не се дел од службите. Услов е кандидатите да бидат здрави и во добра психофизичка состојба.
Од Дирекцијата информираат дека избраните кандидати ќе поминат здравствени прегледи, проверка на психофизичката подготвеност и кратка противпожарна обука. Ќе добијат униформа и неопходна заштитна опрема, по што најпрво ќе бидат ангажирани на полесни интервенции, а потоа и на посложени пожари каде што ќе биде потребна поддршка на локалните противпожарни сили низ целата држава.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, ги повика сите заинтересирани и искусни поранешни припадници на безбедносните служби да се вклучат во системот за заштита и спасување во пресрет на сезоната на шумски пожари.

