Skip to main content
Балкан

На протестот во Нови Пазар студентите го блокираа главниот пат

27/02/2025  17:36

Студентите кои го блокираа Државниот универзитет во Нови Пазар во западна Србија, нивните колеги од Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш, како и жители од различни градови, се собраа на денес на протестот наречен „Побрзајте за Пазар“.

Откако се собраа пред Државниот универзитет, го блокираа Бањско петље, на автопатот Рашка – Нови пазар. Како што најавија, блокадата ќе трае до 18 часот.

Вечерта на 26 февруари студентите во Нови Пазар ги пречекаа своите колеги од другите градови на Србија.

Насобраните претходно одржаа шеснаесетминутен молк пред зградата на Градската управа во чест на загинатите во падот на настрешницата на реновираната Железничка станица во Нови Сад и бруцошот Ернад Бакан, кој загина во 2021 година кога беше прегазен на пешачкиот премин во Земун.

Речиси три месеци во Србија траат протести поради падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени, објави Радио Слободна Европа.