Skip to main content
Македонија

Муцунски ко-претседаваше со Регионалниот форум за одржлив развој за UNECE регионот во Женева

21/04/2026  14:15

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ко-претседаваше со Регионалниот форум за одржлив развој на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), кој се одржува во Женева. Темата на овогодишниот форум е „Заедничко трансформирање: иновативни и правични активности за Целите за одржлив развој”.

„Со помалку од пет години до 2030 година, прашањето не е дали сме посветени, туку дали сме подготвени да делуваме побрзо, попаметно и заедно”, истакна Муцунски.

Тој посочи дека за Северна Македонија Целите за одржлив развој не се апстрактна рамка, туку интегрален дел од националните политики, вградени во Националната стратегија за развој и усогласени со претстојната Рамка за соработка со Обединетите нации.

Во своето обраќање, министерот нагласи дека фрагментацијата го ограничува напредокот и дека постигнувањето резултати бара координација меѓу институциите, секторите и државите, како и интегриран пристап што ги поврзува дипломатијата, развојот и економската политика.

„Фрагментацијата е непријател на напредокот. Трансформацијата бара координација – меѓу влади, меѓу сектори и меѓу држави”, нагласи Муцунски.

Во текот на дводневното учество, министерот ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон Агендата 2030, преку политики насочени кон зелена трансформација, дигитален развој, зајакнување на институциите и унапредување на регионалната и мултилатералната соработка. Во рамки на тематските сесии беше отворена и дискусија за потребата од поинклузивни индикатори за мерење на напредокот, со цел подобро рефлектирање на благосостојбата, еднаквоста и одржливоста.

Форумот обедини високи претставници на држави членки, Обединетите нации, меѓународни организации, граѓанскиот сектор, младите и приватниот сектор и претставува значајна платформа за размена на искуства и добри практики во клучни области, вклучително одржлива енергија, одржливи градови, партнерства за развој, како и вода и санитарии и индустрија, иновации и инфраструктура.