Skip to main content
Македонија

Митева: Нема предвремени избори, а СДСМ нека се подготви за нов дебакл

14/05/2026  21:22

Иако анкетите покажуваат висока доверба за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Владата останува на ставот дека на Македонија ѝ е потребна политичка стабилност и реализација на ветените проекти, наместо нови изборни циклуси. Ова го порача портпаролката Марија Митева во гостувањето на „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Одговарајќи на прашањето дали се размислува за предвремени парламентарни избори, Митева истакна дека доколку партијата се водела само од теснопартиски интерес и рејтинзи, изборите би се случиле веднаш.

„Ако го гледаме нашиот тесно политички интерес, би можеле веќе утре да одиме на избори согласно анкетите кои покажуваат несомнена доверба. Но, гледајќи го државниот интерес, не смееме да ја вовлекуваме државата во нов циклус кој троши време и пари, а ја запира реализацијата на проектите“, изјави Митева.

Таа нагласи дека оваа година е клучна за реализација на реформите и инвестициите, поради што Владата смета дека изборите треба да се одржат во редовниот термин.

„Ова е реформска година на сериозни инвестиции и сметаме дека изборите треба да бидат редовни“, додаде портпаролката.

Според неа, владината коалиција е стабилна и целосно фокусирана на исполнување на програмата, но истовремено подготвена за изборно соочување во секој момент.

Митева упати и сериозни критики кон СДСМ, оценувајќи дека опозицијата нема јасна визија, кадровски капацитет ниту политичка стабилност.

„Не гледам дека СДСМ е подготвена – ниту кадровски, ниту имаат визија или програма. Кај нив владее идентитетска криза. Од една страна велат дека се за ЕУ, а од друга излегуваат од работни групи за реформските закони“, рече Митева.

Таа оцени дека во опозицијата постои „страв и паника“ секогаш кога се отвора темата за избори и изрази уверување дека следниот изборен резултат за СДСМ би бил уште полош од претходниот.

„Верувам дека на следните избори ги очекува уште посериозен пораз од оној пред две години“, изјави таа.

На крајот, Митева потсети дека опозицијата не поддржала ниту укинување на техничката влада, што според неа е уште еден доказ за политичката неконзистентност и „какафонија“ во редовите на левицата.