Skip to main content
Македонија

Миноски: Пензионерите без картички не смеат да останат без средства за живот

02/11/2026  22:32

Привремените администратори на Алта банка и надлежните институции мора итно да обезбедат начин за исплата на пензионерите кои немаат платежни картички и своите пензии досега ги подигнувале на шалтер, порача Кирил Миноски во вечерашното гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Тој предупреди дека затворените експозитури создаваат сериозен проблем за овие клиенти, особено на почетокот на месецот, кога голем број пензионери ги подигнуваат парите за покривање на секојдневните трошоци.

Како едно од можните решенија, Миноски предложи организирање тимови од вработените во банката и отворање посебни пунктови за издавање платежни картички.

„Овие администратори треба да пронајдат брзо решение, да се организираат тимови од вработените во Алта банка и да се отворат посебни пунктови или филијали на кои ќе им се издаваат платежни картички на пензионерите“, изјави Миноски.

Другата можност што ја посочи е организирана готовинска исплата на ограничени износи во одредени филијали.

„Мора да се реагира брзо или да се организира исплата на лице место, на одредени пунктови во филијалите, каде што на пензионерите кои ја земаат пензијата преку Алта банка ќе им бидат исплатени по 10.000 денари“, предложи тој.

Според Миноски, потребно е практично решение кое ќе биде усогласено со воведените ограничувања, а истовремено ќе им овозможи на пензионерите пристап до дел од нивните примања.

Тој нагласи дека мерките за стабилизирање на банката мора да бидат придружени со механизми за заштита на најранливите клиенти. Предупреди дека дополнителното одложување може да ја зголеми неизвесноста, особено кај пензионерите за кои пензијата е единствен извор на приходи.