Skip to main content
Македонија

Миноски: Без мерките на Народната банка, Алта можеше да се соочи со масовно повлекување на депозитите

02/11/2026  20:52

Навремената интервенција на Народната банка била неопходна за да се спречи можно масовно повлекување на депозитите од Алта банка во Македонија, оцени поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според него, случувањата со доминантниот сопственик во Србија создале сериозен ризик за довербата на клиентите, иако расположливите податоци не укажуваат на значително нарушување на ликвидноста на македонската банка.

Миноски оцени дека мерките на Народната банка имаат превентивна цел – да спречат нагло повлекување на средствата и поголеми последици за банката и нејзините депоненти.

„Сметам дека сега се преземени определени мерки кои кај нас се спроведени. Во спротивно, доколку останеше истиот сопственик и ги немавме мерките, ќе се случеше масовно повлекување на овие средства“, изјави Миноски.

Тој објасни дека масовното повлекување депозити во краток период претставува сериозен предизвик за секоја банка. Банките ги пласираат средствата преку кредити и други финансиски активности, па истовременото барање на голем број клиенти за исплата може да создаде силен притисок врз ликвидноста.

Во случајот со Алта банка, Миноски го издвои одземањето на дозволата за работа на нејзиниот доминантен сопственик во Србија како клучен сигнал за реакција на домашниот регулатор.

„Самата одлука на Народната банка на Србија да ја одземе лиценцата на Алта банка е доволен сигнал нашиот регулатор да преземе администрирање со оваа банка“, нагласи тој.

Според Миноски, интервенцијата треба да го ограничи прелевањето на кризата на доверба и да ги заштити интересите на граѓаните и компаниите што имаат средства во банката.