Skip to main content
Економија

Министерството за економија и труд и Пазарниот инспекторат најавија засилен надзор врз движењето на цените

20/07/2026  19:45

Следењето на движењето на цените и спречувањето на неоправдани поскапувања биле во фокусот на состанокот што министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, го одржале со претставници на производителите и дистрибутерите.

Како што соопштуваат од Министерството за економија и труд, на состанокот биле презентирани резултатите од најновата анализа на набавните и продажните цени и бруто-профитните маржи кај најмалку 700 производи. Анализата покажала дека кај најголемиот дел од економските субјекти нема значителни промени во профитните маржи.

Притоа, било упатено предупредување до сите економски оператори дека Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат внимателно ќе ги следат движењата на цените и нема да толерираат неоправдани поскапувања на товар на граѓаните.

– Иако анализата покажува дека кај најголемиот дел од субјектите нема големи промени во профитните маржи, институциите ќе продолжат со засилени контроли и ќе преземат соодветни мерки доколку се утврдат злоупотреби или неосновано зголемување на цените – стои во соопштението од Министерството.