Skip to main content
Македонија

Мавровско Езеро во пресрет на Светското првенство порибено со два тона крап

11/05/2026  09:15

Во рамки на подготвителните активности за Светското првенство во спортски риболов на крап, вчера беше извршено порибување на Мавровското Езеро со 2.000 килограми крап, информираат од националниот парк „Маврово“. Воедно, ЈУНП „Маврово“ ги известува сите спортски риболовци дека од денес стапува во сила забрана за лов на крап, која ќе важи во наредниот период, односно до завршувањето на Светското првенство.

Од управата на најголемиот национален парк велат дека ова претставува прва фаза од планираните активности за порибување, а во текот на наредниот период ќе се спроведат повеќе вакви активности со цел збогатување и унапредување на рибниот фонд во водите на Националниот парк Маврово.

– Порибувањето се реализира во соработка со Македонската риболовна федерација и во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое оваа година ќе се одржи на Мавровското Езеро. Во меѓувреме НП Маврово активно работи на афирмација и промоција на спортскиот риболов, развој на риболовниот туризам и создавање услови за организирање на значајни меѓународни спортски настани, наведуваат од НП „Маврово“.

Во организација на локалната самоуправа, НП Маврово и Македонската риболовна федерација во септември 2026 година треба да се одржи Светското првенство во риболов на крап. По тој повод во март беше потпишан меморандум за соработка.