Skip to main content
Свет

Марта Кос: Албанија затвора уште едно поглавје, со Молдавија и Украина отвораме по две

13/10/2026  11:24

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека денес ќе биде затворено уште едно поглавје со Албанија и ќе бидат отворени по две со Молдавија и Украина, откако Црна Гора еден ден претходно затвори три поглавја во процесот на европска интеграција.

„Како што процесот на проширување добива на интензитет, ќе разговараме со земјите-членки како да обезбедиме нашата Унија да стане посилна како што се шири. Затоа предложивме посилни механизми за заштита на владеењето на правото и реформите за поефикасна ЕУ“, изјави Марта Кос на мрежата X.

Марта Кос најави дека земјите-кандидатки ќе бидат пречекани во Европскиот центар за демократска отпорност.

„Многу од земјите-кандидатки со години се справуваат со хибридни закани. Нивното искуство може да ни помогне да ја заштитиме демократијата низ цела Европа“, рече Марта Кос.

Вчера, на Меѓувладината конференција во Луксембург, Црна Гора ги затвори преговорите за поглавјата 17 за економска и монетарна унија, 18 за статистика и 19 за социјална политика и вработување.