Skip to main content
Македонија

„Марш за ангелите“ во Кочани: Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има!

10/05/2025  19:48

„Инспекциите спиеле, децата не се разбудија“ и „Прошка нема, правда мора да има“, се дел од пораките испишани на транспаренти што ги упатија семејствата на починатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ на денешниот, петти протестен „Марш за ангелите“ во Кочани.

Учесниците на протестот што почна во 16 часот и 5 минути, симболично укажувајќи на задоцнетата институционална реакција, ја поминаа вообичаената маршрута од Паркот на Револуцијата, кон Трговскиот центар, зградата на Општината, Полициската станица и Основното обвинителство и Судот во Кочани. За разлика од претходните маршеви, денеска пред овие институции родителите молчеа.

На почетната точка од маршот во Паркот на Револуцијата беше упатена јавна забелешка за известувањето на дел од медиумите, како и за фотографија со родител на починато дете, за која била доделена награда.

-Како можете да објавите моја фотографија за „Татко на годината“ кога од 16 март до денеска јас веќе не сум татко и нема никогаш да бидам татко, затоа што ми го убија единствениот син. Мене веќе никој не ме нарекува татко, а не можам ни да бидам татко на 60-годишна возраст поради нашите убијци. Од тој ден јас сум само физички жив, како фигура, а внатре сум мртов. Обвинители и судии внимавајте како ќе судите, затоа што за виновните бараме по една година затвор за секое мртво дете и по половина година за секое повредено дете. Тоа се најмалку 115 години, како во Турско време. Судете праведно, а ако нема правда зошто само да шетаме мирно, и онака ние сме мртви, не терајте нѐ да има „селска буна“, рече татко чиј син починал во пожарот.

Родителите на простестот уште еднаш побараа одговор од надлежните кој дозволил да настрадаат толкав број млади луѓе.

-Веќе не се плашиме од никого, освен од Бога. Затоа поставуваме прашање до министерот Тошковски и до премиерот Мицкоски кој им дозволи на демоните да ги убијат нашите ангели. Зборуваме јавно и гласно, не сакаме тајни средби, кога ќе добиеме одгoворот ќе бидеме смирени, рече мајка чиja ќерка починала во трагедијата.

Родителите нагласија дека ќе очекуваат правична судска постапка, за да има правда за нивните деца. Во спротивно, подготвени се своите барања да ги достават и до Судот за човекови права во Стразбур и ќе бараат поддршка од еминентни домашни и странски правни експерти и адвокати.

Пред протестот родителите испратија соопштение во кое информираат дека одбиваат да се сретнат со премиерот Мицкоски на 13 мај, во вторник. Причината за одбивањето, според соопштението, е доцнењето на поканата и дека уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани зашто сметале дека тоа е разумно и оправдано, особено затоа што дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата.