На 28 октомври, Македонската филхармонија ќе настапи во „Златната сала“ на „Музикферајн“ во Виена, една од најпрестижните концертни сали во светот, каде што традиционално настапуваат најголемите имиња на класичната музика. Овој настан претставува кулминација на прославата на 80-годишниот јубилеј на Филхармонијата, но и симболично одбележување на 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Австрија.
Настанот во Виена носи извонредна програма што ја поврзува македонската музичка традиција со европската класична музика. Под диригентската палка на реномираниот Јерухам Шаровски од Израел, оркестарот ќе изведе „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Пет традиционални македонски песни аранжирани од Сони Петровски, како и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат истакнатите македонски оперски уметници Ана и Игор Дурловски, чии изведби со години освојуваат светски сцени.
„Музикферајн“ не е само концертна сала – тоа е храм на класичната музика, дом на Виенската филхармонија, сцена на која настапувале најголемите имиња во историјата: Брамс, Малер, Карајан, Бернштајн, Баренбојм, Дудамел… Македонската филхармонија ќе застане токму на оваа сцена, претставувајќи ја Македонија на највисоко уметничко ниво. Ова е доказ за силата на нашата култура, за квалитетот на македонските уметници и за способноста на нашата земја да биде дел од елитните музички центри во светот.
Ваквиот успех е резултат на континуираната посветеност на уметниците, но и на визијата за подигнување на институцијата на повисоко ниво. Под водство на в.д. директорот Александар Котевски, Филхармонијата не само што го одбележува својот јубилеј со незаборавен настап, туку успеа да направи цела Македонија да се чувствува гордо. Неговиот ангажман и посветеност придонесоа овој концерт да стане реалност, отворајќи нови перспективи за македонската музика на меѓународната сцена.
Македонската филхармонија во „Музикферајн“ е успех што ќе остане запишан во историјата на македонската култура. Ова е момент на кој ќе се навраќаме со гордост, момент кој покажува дека Македонија има што да ѝ понуди на светската публика.