
Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) на парламентарните избори ќе настапи како дел од коалицијата предводена од опозициската Демократска партија (ДП) на поранешниот албански премиер и екс претседател на државата, Сали Бериша.
Според објавата на ДП, во изборната коалиција се 26 политички партии, меѓу кои и Партијата на слободата на Илир Мета, Републиканската партија на Фатмир Медиу, Партијата за заштита на човековите права на грчкото малцинство, чиј лидер е Вангел Дуле, како и Партијата за правда, интеграција и единство, партија на Чамите, на Шпетим Идризи.
При потпишувањето на коалицијата договорено е на изборите да настапат под името „Алијанса за величествена Албанија“, а каде и колку ќе имаат свои кандидати на кандидатските листи со загарантирани места и отворените листи, во 12-те Изборни единици ќе биде соопштено дополнително.
Парламентарните избори, 11-ти по ред, од падот на комунистичкиот систем, ќе се одржат на 11 мај, на кои за првпат ќе гласа и албанската дијаспора.