Skip to main content
Македонија

Левица: Ниту 50% намалени цени за патарините, ниту патни трошоци за работниците

04/04/2025  09:22

Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:

Македонија ќе продолжи да ги има најскапите патарини во Европа за едни од најлошите и не безбедните патишта бидејќи пратениците од власта на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ одбија да гласаат по предлогот на Левица за намалување на истите за 50%.

Предлогот го образложи пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, којшто посочи дека е некоректно пратениците на коишто им се исплаќаат патни трошоци (каде се вклучени и патарините), да немаат разбирање особено за работниците коишто патуваат секој ден до работното место трошејќи две до три плати просечно за патарини.

Пратениците коишто земаат патни трошоци не се согласија и на работниците да им следува таков надоместок. Предлогот на Левица го образложи координаторот на пратеничката група, Борислав Крмов, којшто објасни дека надоместок за патни трошоци им следувало на работниците во Македонија, но истиот бил укинат во 2008 година:

„Забелешките кои ги даде поранешниот министер за финансии, Трајко Славевски, којшто тврди дека сѐ уште постојат патни трошоци за работниците, но тие сега се наоѓаат во бруто платата – не се соодветни бидејќи тоа не се однесува на приватниот сектор и ваквото право вообичаено се поништува со колективните договори, договорите за вработување. Така што, патни трошоци во бруто плата нема” – објасни пратеникот Крмов.

„Не можеме овој трошок на работниците да го третираме како наивен. Позитивен пример во регионот е Србија – таму газдите се должни да им исплатат надоместоци или да им организираат превоз на работниците. И затоа, таму целосно го остваруваат ова право, без манипулации” – посочи тој.

Пратениците од Левица ја предложија истата формулација за пресметка на патни трошоци за работниците која што ја предложија и при обидот за да се вразумат патните трошоци на пратениците, но која беше одбиена.