
Соопштение за јавност на Левица:
Левица поднесе амандман со кој побара финансиска поддршка на претприемништвото, отворање нови бизниси и развој на микро, малите и средните претпријатија, но антинародното ДПМНЕ го одби предлогот. Амандманот предвидуваше поддршка за домашните претприемачи и за програмите на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, вклучително и модулите за започнување сопствен бизнис и менторска поддршка за корисниците на државната помош.
Образложувајќи го амандманот во Собранието, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, посочи дека проблемот со македонската економија не е резултат само на последните седум години владеење, туку на 35 години погрешни буџетски политики, кои систематски го ставаат крупниот капитал над јавниот интерес.
Мециновиќ направи јасна разлика помеѓу малите и средните претпријатија и крупниот капитал, нагласувајќи дека тие не функционираат во исти институционални, социјални и политички услови. Додека малите семејни бизниси се соочуваат со секојдневна борба за опстанок, крупниот капитал со децении ја зацврстува својата позиција преку политичко влијание, државни тендери, приватизација и коруптивни зделки.
Во своето обраќање, Мециновиќ потсети на криминалната приватизација на општествениот капитал во 90-тите години, повлекувањето на државата од клучните јавни услуги и отстапувањето на просторот за технолошки и инфраструктурен развој на приватни интереси. Наместо државата да биде двигател на модернизацијата и иновациите, нејзиното отсуство создава простор за нови привилегирани економски центри на моќ. Притоа, тој предупреди дека „коруптивна мрежа која ја толчи македонската економија” не може да се сведе на мандатот на една влада, туку е резултат на децениски воспоставени практики.
Тој особено ја критикуваше зависноста на крупниот капитал од државните тендери, посочувајќи дека неговата економска моќ не е нужно резултат на иновации, продуктивност и вистинска пазарна конкуренција. „Крупниот капитал во Македонија не е таму каде што е затоа што знае како да се однесува на пазарот и да го даде најдоброто. Напротив, работи буквално преку тендери од државата”, истакна Мециновиќ. Дополнително, предупреди дека картелското однесување во трговијата и градежништвото го одржува постојниот економски статус кво, на штета на сите останати учесници на пазарот.
Левица смета дека државата мора да застане на страната на работниците и малите и средните претпријатија, а не да продолжи да ги штити интересите на економски моќните поединци и компании. Како што посочи Мециновиќ, моторот на економијата се работниците, на чиј труд почива продуктивноста, и малите и средните претпријатија, кои ја носат тежината на економската активност, но функционираат под многу потешки услови.
На крајот од своето обраќање, Мециновиќ го постави прашањето: „Чиј е овој буџет и оваа држава? Ако не е на работниците, ако не е на малите претприемачи, ако не е на опозицијата, ако не е на сите засегнати, тогаш одговорот е јасен. Буџетот е единствено во сопственост на крупниот капитал, а клучот го држи ВМРО-ДПМНЕ”, заклучи Мециновиќ.

