Skip to main content
Македонија

ЛДП: Владата ги крие неверојатните хонорари како за Стевановска за „Скопје 2014“, ЈО разбудете се

09/10/2026  16:32

Соопштение на ЛДП:

Владата се чини ја користи истата добро позната финансова шема од проектот „Скопје 2014″ за 35-годишнината од независноста. Како што тогаш вајарката Валентина Стевановска наводно за себе исцица речиси 3 милиони евра за авторски хонорари — од кои само за „Воин на коњ” зеде 649.000 евра од вкупно 10,5 милиони евра потрошени за споменикот — така денес Владата зад непрегледни извештаи крие милионски суми за еден проект за јубилејна прослава. Народот повторно гледа иста матрица: прослава од 5,5 милиони евра потрошени за 18 настани, каде што просечно се „инвестирало” по над 300.000 евра од настан за празнење на касата на Државна Лотарија, наместо да се вратат во Буџетот кој ете, бил празен.

Од вкупно потрошените 5,5 милиони евра, дури 2,1 милион евра се заведени како „хонорари за артисти”, но Владата крие колку точно од тие пари легнале на сметката на Дејвид Гета, а колку добиле другите. Прашуваме, дали им беа фрлени трошки на домашните музичари и дали тоа некој на големо се офајди? Исто така ја прашуваме Владата, кога дознавте дека има криза со цената на горивата, а со тоа и во Буџетот, па решивте да фрлате милиони народни пари за прослави? Не можеа ли парите од дивидендата од Државна Лотарија да се искористат порационално, а прославата да биде достојна, но согласно буџетот на граѓаните?

„Ова не е прослава на независноста, туку пресликана матрица од ‘Скопје 2014’, каде што преку спектакли и задкулисни договори се испумпуваат народни пари. За жал, на јавноста ѝ е кристално јасно дека ниту се промени матрицата на трошење, ниту желбата за местење милионски бизниси под превезот на културата, додека граѓаните тонат во сиромаштија, а институциите се распаѓаат”, порачуваат од ЛДП.

ЛДП упатува директен и остар апел до Јавното обвинителство: До кога ќе молчите и ќе спиете? Ајде што не можевте да се соземете и да се разбудите од летните одмори во текот на целиот септември, но веќе сме средина на октомври и немате повеќе никаков изговор за пасивноста! Јавното обвинителство мора итно да се разбуди, по допрен глас да ги отвори сите договори за 5,5-милионската прослава и да истражи кои компании и поединци ги прибрале милионските маргини.

Граѓаните бараат одговори и одговорност, а не нови фасади, скапи светла и криење зад 81 страница формални извештаи. ЛДП нема да дозволи народните пари повторно да завршуваат во приватни џебови под маската на патриотизам и забава, додека вистинските темели на државата се наоѓаат на колена.