
Соопштение на ЛДП:

Сурова потврда за она на што Либерално-демократската партија (ЛДП) предупредува со месеци пристигна со единаесеттиот Извештај во сенка за Поглавјето 23 на Институтот за европска политика (ЕПИ): правосудниот систем е доведен до работ на функционален колапс поради системска негрижа, хронично недоволно финансирање и политички влијанија кои ја поткопуваат независноста на институциите.
Со 18 неажурни судови од вкупно 34, над 134.000 нерешени предмети и обвинителства кои функционираат без ниту еден јавен обвинител, станува јасно дека граѓаните се оставени да чекаат правда во систем кој сè потешко може да ја испорача.
Додека судската власт располага со само 0,26% од БДП, наместо законски предвидените 0,8%, власта без проблем наоѓа средства за одржување на една од најгломазните влади во Европа, непотребни заменички функции, партиски административни позиции и бројни управни одбори. Истовремено, поради необезбедени средства од Министерството за финансии, беше поништен огласот за прием на 130 кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители.
Особено алармантно е што извештајот нотира и притисоци од извршната власт врз јавното обвинителство, преку јавни изјави и реакции на високи владини функционери во врска со конкретни истраги и судски постапки. Наместо институциите да бидат заштитени од политички влијанија, сведочиме на постапки и изјави кои отвораат сериозни прашања за независноста на обвинителите и нивната можност непречено да ја извршуваат својата работа.
Не може власта истовремено да бара резултати од обвинителството, а политички да ги коментира и оспорува неговите одлуки. Не може да се повикува на владеење на правото, а да создава атмосфера во која обвинителите треба да размислуваат каква ќе биде политичката реакција пред да донесат професионална одлука.
Во комбинација со штетните измени на Кривичниот законик, кои овозможија застарување на предмети за висока корупција, недостигот од кадар и финансиската зависност на правосудните институции, се создава систем во кој неказнивоста станува правило, а правдата исклучок.
„Не може да бараме правда како во Холандија, Шведска или Германија, а да финансираме непотребни владини фотелји додека обвинителствата остануваат без обвинители. Уште помалку може да зборуваме за независно правосудство кога претставници на извршната власт вршат јавен притисок врз оние што треба да го спроведуваат законот. Обвинителството мора да ја гони корупцијата, а не да стравува од оние што треба да ги истражува. Проблемот не е само во парите, туку во политичките приоритети и волјата да се изгради држава во која законот важи еднакво за сите. Очигледно, за власта има пари за функции, но нема пари за правда!”, истакна претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
ЛДП бара итно обезбедување на законски предвидените средства за правосудството, деблокирање на процесите за прием на нови судии и јавни обвинители, рационализација на непотребните административни трошоци и насочување на буџетските средства кон институциите што треба да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните.
Истовремено, бараме прекин на политичките притисоци врз обвинителството, целосна заштита на неговата независност, ревизија на штетните измени на кривичното законодавство и воспоставување ефективна одговорност за високата корупција.
Правдата не смее да биде привилегија на моќните, ниту заложник на политичките интереси.
Држава во која има пари за политички привилегии, а нема пари за судии и обвинители, не страда од сиромаштија, туку од погрешни приоритети. А држава во која политичарите сакаат да влијаат врз обвинителите, не гради владеење на правото, туку систем на неказнивост.
ЛДП останува цврсто определена за бескомпромисни реформи, независни институции и правда која нема да прашува кој е на власт, туку кој го прекршил законот.
Затоа што без независно обвинителство нема вистинска правда, без правда нема доверба во институциите, а без доверба нема функционална држава!


