Skip to main content
Македонија

Криминална мрежа во ФФМ: Истрага за проневера од речиси 3 милиони евра, приведени 12 лица

18/06/2026  16:38

Во голема координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, денеска е разбиена обемна криминална мрежа поврзана со работењето на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Надлежните институции отворија истрага против 18 физички и осум правни лица, кои се сомничат за проневера на 180.802.365 денари, односно речиси три милиони евра, како и за перење пари.

Во рамките на акцијата приведени се 12 лица, по уште петмина осомничени активно се трага бидејќи во моментот се недостапни за органите на прогонот, додека еден од клучните осомничени веќе се наоѓа во притвор во друг кривично-правен предмет.

Според информациите од истрагата, криминалните активности се одвивале во периодот од 2015 до 2019 година и биле реализирани во две фази, за време на мандатите на двајца различни претседатели на ФФМ.

Во првата фаза, која траела од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, првоосомничениот, тогашен претседател на ФФМ, во договор со раководителката на Одделението за финансии, според сомнежите, присвоил 127.451.156 денари доверени на федерацијата.

Во втората фаза, од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, второосомничениот, кој ја презел претседателската функција, на идентичен начин, повторно во координација со истата раководителка на финансии, наводно присвоил дополнителни 53.351.209 денари.

Истрагата покажала дека парите биле извлекувани преку внимателно организирана шема со фиктивни фактури и лажно сметководствено евидентирање.

Според обвинителството, 14 управители, сопственици и овластени лица од осум приватни компании издавале фактури со невистинита содржина, во кои лажно било прикажано дека извршиле услуги или испорачале стоки за потребите на ФФМ. Врз основа на тие документи биле реализирани исплати од сметките на федерацијата.

Во различни временски периоди, двајцата претседатели потпишале вкупно 728 налози за исплата без соодветна и валидна документација, иако според нивните службени овластувања биле должни да го контролираат законското финансиско работење.

За да се прикријат незаконските исплати, раководителката на финансии, според истрагата, вршела интервенции во сметководствениот систем. Исплатите најпрво биле книжеани како подмирување на обврски кон комитенти, а потоа тие записи биле бришани и прекнижувани како редовни трошоци, без наведување на деловен партнер или конкретна услуга.

Во истрагата е опфатен и тогашниот раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ, кој заедно со останатите осомничени се товари за кривичните дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Според обвинителството, парите преку приватните компании биле ситнети, подигнувани во готовина и повторно пуштани во легалниот финансиски промет со цел да се прикрие нивното потекло.

Јавниот обвинител веќе доставил предлози до судијата на претходна постапка за определување мерки за обезбедување на осомничените. За десет лица е побаран притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за попречување на истрагата, додека за уште седуммина се предложени мерки на претпазливост.

Второосомничениот поранешен претседател на ФФМ не е опфатен со новото барање за притвор, бидејќи веќе се наоѓа во притвор во рамки на друг кривично-правен предмет. Истрагата продолжува, а обвинителството најавува дека ќе ги преземе сите неопходни дејствија за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на сите инволвирани лица.