
Министерот за здравство, Сашо Клековски оствари билатерална средба со министерот за здравство на Република Турција, проф. д-р Кемал Мемишоглу, синоќа на маргините на 12. Турски медицински светски конгрес во Истанбул.

На средбата беа разгледани билатералните односи и беше нагласено пријателството меѓу двете држави. Министерот Клековски се заблагодари на Република Турција за помошта и солидарноста по трагедијата во Кочани.
Како подрачја на идната соработка, министерот Клековски ги издвои: дигиталното здравство; стручната размена и едукацијата на специјалисти; соработката во областа на лековите и вакцините.
Во конкретизацијата на соработката ќе се вклучи и турската државна агенција за меѓународни здравствени услуги USHAŞ.
По средбата, двајцата министри потпишаа меморандум за разбирање и соработка во областа на здравството. Меморандумот е основа за конкретни заеднички активности меѓу двете министерства и нивните здравствени институции.
„Турција е искрен пријател на Македонија и тоа го покажа и во најтешките моменти по трагедијата во Кочани. Меморандумот ни дава рамка добрите односи да ги претвориме во конкретни проекти – од дигитално здравство, преку едукација на специјалисти, до лекови и вакцини”, изјави министерот Клековски.

