
Руските сили извршија напади во текот на ноќта врз неколку украински градови, вклучувајќи ги Киев, Лвов, Запорожје и Харков, користејќи балистички ракети и беспилотни летала, објавија украинските медиуми.
Според украинските воздухопловни сили, шест балистички ракети биле испукани кон Киев. Украинските власти соопштија дека биле погодени објект за транспортна инфраструктура и магацин на четири ката.
Пожари избувнаа на неколку локации во Лавов по напад со беспилотно летало, додека штетата се проценува.
Во Запорожје, целта беше транспортната инфраструктура, а Харков, според украинските воздухопловни сили, беше нападнат со девет дронови С-8000 „Бандерол“.
Моментално нема потврдени податоци за вкупниот број на повредени и обемот на штетата во сите нападнати градови.
Шефот на Харковската регионална воена администрација, Олег Сињегубов, претходно денес на Телеграм објави дека најмалку 11 лица се повредени во руските напади врз Харков, од кои двајца се хоспитализирани во тешка состојба.
Одбиен голем украински напад со беспилотни летала врз Москва
Повеќе од 400 дронови насочени кон московскиот регион беа неутрализирани помеѓу 19:30 часот во понеделник и 6 часот наутро во вторник, изјави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.
Според него, повеќето од беспилотните летала биле пресретнати од силите за воздушна одбрана на далечински пристапи кон Московскиот регион.

Собјанин изјави дека во истиот период, 65 беспилотни летала биле уништени на приодите кон Москва.

