Skip to main content
Македонија

Ќе има прераспределба на наставниците ако спроведеме едносменска настава, вели Јаневска

07/03/2025  19:51

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во однос на тоа дали има доволен број на наставници во државата со оглед на тоа што се планира воведување на едносменска настава во училиштата, напомена дека дистрибуција на наставниците е нерамномерна и ќе се врши нивна прераспределба. Како што потенцира, наставниците нема да останат без работа, туку ќе станат пофункционални.

Како што дополни, прераспределбата ќе се врши во општините на Скопје, или во соседните општини.

-Јас и натаму тврдам дека наставниците нема да останат без работа, тие само ќе станат пофункционални. Прераспределбата ќе ја прави Министерството, заедно со локалната самоуправа и со менаџерите на училиштата – рече Јаневска.

Завчера министерка Јаневска беше во посета на институтот на Здружениот истражувачки центар на Европската комисија во Испра во Италија. Прашана која е целта на посетата на овој институт, Јаневска одговори дека станува збор за исклучително важна институција, со која договориле соработка во полето на науката, технолошки развој, земјоделие, почва, воздух, кибер безбедност.