
Судии во израелски окружен суд денеска предложија отфрлање на обвинението за поткуп против премиерот во заминување Бенјамин Нетанјаху, преиспитување на второто обвинение и постигнување спогодба за признавање вина во третиот случај за корупција.
На рочиштето, кое траело само десетина минути, присуствувала и државната обвинителка Гали Бахарав-Мијара, при што судиите го изнеле својот предлог, објави израелскиот јавен радиодифузен сервис „КАН“.
Нетанјаху (77), премиер со најдолг стаж во историјата на Израел, е обвинет за поткуп, измама и злоупотреба на довербата во три случаи за корупција и доколку биде прогласен за виновен, може да биде осуден на затворска казна.
На почетокот на рочиштето, судијката Ривка Фридман-Фелдман рече дека судиите ја повикале државната обвинителка бидејќи обвинението било поднесено од нејзиниот претходник Авичај Манделблит, а завршувањето на сведочењето на Нетанјаху ја направило „неопходна одлуката за тоа како да се продолжи со случаите“, додавајќи оти „јавниот интерес налага преиспитување на предметот“.
– Сметаме дека обвинението за поткуп има одредени слабости – рече Фридман-Фелдман, додавајќи дека обвинителството го засновало случајот врз сведочењето на Шломо Филбер, поради што е „тешко да се извлечат фактички заклучоци“ од неговиот исказ.
Судијката оцени и дека прашањето за судирот на интереси, во делот што се однесува на обвинението за злоупотреба на довербата, содржи „слабости што оправдуваат преиспитување“.
– Во врска со вториот случај, спорно е дали обвинението воопшто претставува кривично дело. Што се однесува до третиот случај, сметаме дека најголемиот дел од доказите веќе ни беа презентирани, што овозможува да се пристапи кон разрешување на предметот – додаде судијката.
Предлагаме отфрлање на обвинението во случајот 4.000, преиспитување на случајот 2.000 и постигнување спогодба за признавање вина во случајот 1.000, рече таа.
Според весникот „Једиот ахронот“, забелешките на судијката значат оти е малку веројатно Нетанјаху да биде осуден во два од трите случаи за корупција.
„КАН“ ја цитираше Бахарав-Мијара дека обвинителството ќе го разгледа секој предлог што ќе го изнесе судот, нагласувајќи дека има „целосна доверба“ во својот правен тим, кој е „целосно запознаен со постапката“.
– Посветени сме на испитувањето на доказите. Постојат само два начина за завршување на овој случај: со судска одлука или со спогодба за признавање вина што соодветствува и верно ја одразува природата на дејствата и кривичните дела што биле сторени – изјави таа.
Бахарав-Мијара додаде дека решавањето на случајот со спогодба за признавање вина би било најбрзиот начин и оти нејзината канцеларија веќе предложила таков договор, но „нашата подадена рака остана да виси во воздух“.
За да биде постигната спогодба меѓу обвинителството и одбраната на Нетанјаху, тој би требало да ги признае обвиненијата во замена за претседателско помилување и повлекување од политичкиот живот – можност што тој досега ја отфрлаше.
Случаите за корупција
Обвинението го поднесе поранешниот државен обвинител Авичај Манделблит кон крајот на ноември 2019 година, а Нетанјаху ги негира сите наводи.
Случајот 1.000 се однесува на наводите дека Нетанјаху и членовите на неговото семејство добивале скапи подароци од бизнисмени во замена за услуги и помош во различни области.
Во случајот 2.000, Нетанјаху е обвинет дека преговарал со Арнон Мозес, издавач на весникот „Једиот ахронот“, за да обезбеди поволно медиумско известување.
Случајот 4.000 се однесува на наводите дека Нетанјаху му давал поволности на Шаул Елович, поранешен сопственик на информативниот портал „Вала“ (Walla) и функционер во телекомуникациската компанија „Безек“ (Bezeq), во замена за поволно медиумско известување.


