Skip to main content
Македонија

Интернет-порталите стануваат официјални медиуми со регистрација во АВМУ

22/04/2025  23:53

Со 69 гласа „за“ и поддршка од 15 пратеници од немнозинските заедници, Собранието денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за медиуми. Најзначајната новина е вклучувањето на интернет-порталите како официјални медиуми, со обврска да се регистрираат во посебен Регистар што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Во првичната верзија на законот беше предвидено порталите да имаат најмалку тројца вработени со полно работно време. Но, по бројни реакции од медиумската заедница – особено од помалите и локални медиуми – таа бројка е намалена на двајца. За портали со мал или специјализиран опфат ќе биде доволно едно лице со полно работно време и едно лице ангажирано преку договор на дело.

И покрај тоа што законот доби широка поддршка, дебатата откри суштински разлики меѓу предлагачот – Министерството за дигитална трансформација – и новинарските здруженија. Главниот предизвик, според дел од медиумите, останува потребата за стабилна финансиска поддршка, особено за независните и регионалните портали.