
Во последните години сведоци сме дека секоја јавна расправа за рударството, а особено за проектот „Иловица – Штука“, сè почесто се претвора во натпревар кој погласно ќе зборува, наместо кој ќе понуди повеќе факти. Веруваме дека е време оваа дебата да се врати таму каде што припаѓа – кај науката, експертите и институциите.
Кога се носат одлуки што ќе имаат влијание врз животната средина, здравјето на луѓето, економијата и иднината на државата, најважен треба да биде мирниот глас на науката, а не најгласните пораки на луѓе кои без соодветна стручност се претставуваат како експерти за рударство, геологија, хидрологија, економија, право и сè друго.
Ја изразуваме нашата поддршка за универзитетските професори и експерти кои во изминатиот период јавно ги презентираа своите стручни ставови за современите рударски технологии и проектот „Иловица – Штука“, а поради тоа беа изложени на лични напади и дискредитации. Во едно демократско општество, научната аргументација треба да се поттикнува, а не да се замолчува преку притисоци и јавен линч.
Во современите демократии, ваквите одлуки не се носат преку Фејсбук-објави, политички пароли или јавни притисоци. Тие се носат врз основа на научни анализи, експертски мислења, законски процедури и независни институции.
Денес постои огромна разлика помеѓу рударството од пред неколку децении и современото рударство. Науката и технологијата направија огромен исчекор. Современите технологии овозможуваат експлоатација со значително повисоко ниво на контрола, управување со ризиците и заштита на животната средина отколку што било возможно во минатото. Токму затоа секој проект треба да се оценува според конкретната технологија што е предвидена, а не според претстави и искуства од друго време или од сосема различни проекти.
Во случајот со „Иловица – Штука“, надлежните институции имаат обврска внимателно да ги разгледаат сите стручни анализи, идната Студија за оцена на влијанието врз животната средина, мислењата на научната јавност и сите законски критериуми. Ако проектот не ги исполнува пропишаните услови, не треба да добие дозвола. Но, ако ги исполнува највисоките законски, технички и еколошки стандарди, тогаш одлуката мора да биде донесена врз основа на факти, а не под притисок на најгласните.
Истовремено, не смееме да ја занемариме ниту економската страна на ова прашање. Македонија има потреба од нови продуктивни инвестиции, нови работни места и поголем извоз. Проекти како „Иловица – Штука“ имаат потенцијал да донесат стотици директни и илјадници индиректни работни места, значителни приходи за државниот буџет и општините, нови можности за домашните компании и силен поттик за развојот на југоисточниот регион. Во услови кога земјата се соочува со иселување на младите, недостаток на инвестиции и потреба од повисок економски раст, секоја развојна можност заслужува професионална и објективна оценка.
Затоа ги повикуваме Владата, надлежните министерства и сите институции да продолжат да ги носат своите одлуки врз основа на науката, стручноста и законите. Само така ќе обезбедиме и максимална заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, но и можност Македонија да го искористи својот природен потенцијал за повисок животен стандард, економски развој и подобра иднина за младите генерации.
Државата има обврска да ги слуша експертите. Гласот на науката можеби е потивок од вревата на дневните расправи, но токму тој е најсигурниот патоказ кога се одлучува за иднината на Македонија.



