Skip to main content
Македонија

ЦУК и полицијата со итна спасувачка акција за тројца планинари на Бистрица

12/07/2026  09:32

Тројца планинари беа успешно спасени од непристапен дел на планината Бистрица, откако еден од нив почувствувал сериозни здравствени тегоби за време на планинарењето. Благодарение на брзата координација на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и заедничката акција на повеќе институции, сите лица безбедно беа евакуирани и пренесени на лекарски преглед.

Пријавата за помош била примена преку Единствениот повикувачки број 112 во 18:46 часот, кога лице од групата побарало итна интервенција поради заглавеност на тежок и непристапен планински терен.

Според информациите, едно од лицата добило болки во градите, отежнато дишење и тешкотии при движењето. Иако никој од планинарите не бил повреден, здравствената состојба на лицето наложила итно организирање спасувачка акција. Поради непристапноста на теренот, до нив не можело да се стигне со возило, туку било потребно пешачење од најмалку три до четири часа.

Веднаш по добиената пријава, Регионалниот центар за управување со кризи во Тетово воспоставил координација со СВР Тетово, Итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово и Националниот парк „Шар Планина“, со цел брза и безбедна евакуација.

Во спасувачката акција бил вклучен и алпинист-спасител од Тимот за брза интервенција и спасување во планина, кој веднаш се упатил кон местото каде што се наоѓале планинарите. Во текот на целата акција, ЦУК одржувал постојана комуникација со пријавителите и ги координирал активностите на сите надлежни служби.

По пристигнувањето до групата, алпинистот-спасител, во консултација со лекарите од Итната медицинска помош, направил проценка на здравствената состојба на лицето. Било утврдено дека, со придружба на спасителот, планинарот може безбедно да се движи до најблиската пристапна точка.

На безбедната локација тројцата планинари ги пречекале полициски службеници и екипа на Итната медицинска помош, по што биле транспортирани во Клиничката болница во Тетово на дополнителни лекарски прегледи.

Подоцна, од Полициската станица Теарце било потврдено дека лицата безбедно пристигнале во селото Лешок. Медицинските екипи му укажале прва помош на планинарот поради кого била организирана акцијата, а по извршените прегледи било констатирано дека никој од тројцата не се здобил со повреди. По добиената медицинска помош, сите биле пуштени на домашно лекување.