Skip to main content
Македонија

31 година од атентатот врз Киро Глигоров: Нападот што ја потресе Македонија остана нерасветлен

03/10/2026  09:35

Денеска се навршуваат 31 година од атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Тој го преживеа нападот со тешки повреди на главата, а и по повеќе од три децении остана неодговорено прашањето кој стоеше зад атентатот.

Нападот се случи на 3 октомври 1995 година, во 9:50 часот, на улицата „Македонија“, пред хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје. Автомобил-бомбата беше активирана во моментот кога службеното возило со Глигоров минуваше на пат кон неговиот кабинет во зградата на Собранието.

Во експлозијата загина возачот Александар Спировски, а телохранителот Илчо Теовски беше повреден. На повредите подоцна им подлегна и случаен минувач. Глигоров преживеа, но нападот остави тешки последици врз неговото здравје.

Во истрагата беа проверувани голем број лица, возила и објекти, а беше објавен и фоторобот на осомничено лице. Сепак, преземените истражни дејства не доведоа до расветлување на нападот. Годишнината повторно го отвора прашањето за откривање на извршителите и нарачателите на атентатот.

Киро Глигоров ја водеше државата во два претседателски мандата, од 1991 до 1999 година, во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на Македонија. За нападот и за своите искуства напиша и во книгата „Атентат – ден потоа“, објавена во 2002 година.

Почина на 1 јануари 2012 година во Скопје, на 94-годишна возраст, без да дочека одговор кој го организираше нападот врз него.