Skip to main content
Македонија

ХЕРА: Здравјето и безбедноста на децата не смеат да бидат жртва на идеолошки притисоци – образованието мора да се темели на наука, а не на верски убедувања

02/11/2026  16:51

Остро реагираме на измените во програмата за сеопфатно сексуално образование, сега преименувана во „Здравје и заштита на здравјето”, со кои се отстрануваат или разводнуваат важни содржини за родова еднаквост, контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје.

Ова не е само промена на зборови во наставна програма. Ова е одлука што може директно да влијае врз знаењето, здравјето и безбедноста на младите. Кога од образованието се отстрануваат научни поими и се ослабуваат содржините за превенција, децата не стануваат позаштитени. Напротив, им се одзема можноста навреме да научат како да препознаат насилство, да постават лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и да побараат помош кога им е потребна.

Што значи ова во секојдневниот живот? Тоа значи дека девојче кое се соочува со контрола, притисок или насилство во врска може потешко да препознае дека таквото однесување не е нормално ниту прифатливо. Дека момче кое расте со пораки дека мора да биде доминантно и агресивно нема доволно можности критички да ги преиспита тие очекувања. Дека младите кои имаат прашања за контрацепцијата и сексуалното здравје ризикуваат одговорите да ги бараат на интернет, меѓу дезинформации и непроверени совети.

Ниту еден од овие ризици не исчезнува ако зборовите се избришат од учебниците. Исчезнува само можноста училиштето да им помогне на младите да ги разберат и навреме да се заштитат. Особено загрижува фактот што промените следуваат по јавните притисоци од верски и конзервативни кругови. Во демократска и секуларна држава секој има право на свое верско убедување и јавно изразување став. Но, тоа не значи дека верските убедувања треба да ја определуваат содржината на јавното образование.

Потсетуваме на алармантни податоци за нaшата земја:  дури 10% од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година. Од децата дури 8% биле изложени на сексуални слики, 5% добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4% биле уценувани дека нивни содржини ќе бидат распространети, а кај 3% такви содржини веќе биле споделени без нивна дозвола. Дополнително, во 78% од случаите сторителот е лице што детето го познава, а 52% од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи како Instagram, Snapchat, TikTok и WhatsApp. Во ваква реалност, поразително е што само 19% од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование. Податоците пак за сексуалното и репродуктивното здравје покажуваат дека само во 2024 година 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а во само еден месец беа регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ.

Црквата има право да ги застапува своите верски учења, но нема мандат да ја заменува науката во училниците. За наставните програми треба да одлучуваат надлежните институции врз основа на научни докази, педагошка експертиза, јавното здравје и најдобриот интерес на детето, а не под притисок на религиозни или идеолошки групи. Уставот на Северна Македонија ја утврдува одвоеноста на верските заедници од државата. Таа одвоеност мора да биде суштински принцип на јавните политики, а не само формална уставна одредба.

Дополнително, научните докази на Светската здравствена организација и УНЕСКО покажуваат дека квалитетното, возраста соодветно сеопфатно сексуално образование им помага на младите да донесуваат информирани одлуки, да градат здрави односи и да го намалат ризикот од сексуално насилство, несакана бременост и сексуално преносливи инфекции. Наспроти често ширените дезинформации, тоа не ги поттикнува младите порано да започнат сексуални односи.

Затоа, прашањето не е дали некој го одобрува или не го одобрува сексуалното образование. Прашањето е дали Министерството за образование и наука ќе им овозможи на младите пристап до знаења што се неопходни за нивното здравје и безбедност.

ХЕРА бара од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието:

  1. Да ја преиспитаат ревидираната наставна програма и да ги вратат научно заснованите содржини и терминологија за родова  еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, контрацепција и превенција од родово зановано насилство.
  2. Јавно да објаснат врз основа на кои стручни анализи и препораки се направени измените, кој учествувал во ревизијата и како бил проценет нивниот ефект врз учениците.
  3. Да обезбедат транспарентна стручна ревизија, со учество на експерти од образованието, здравството, психологијата, родовите студии и организациите што работат со младите и имаат експетиза за сексуално образование.
  4. Да гарантираат дека идните наставни програми нема да се менуваат под идеолошки притисок, туку ќе се развиваат согласно научните сознанија, човековите права и најдобриот интерес на децата.

Образованието не смее да биде простор во кој политичките и верските притисоци имаат поголема тежина од научните сознанија и потребите на учениците.

Децата имаат право на знаење, а не на цензурирана реалност. Имаат право на заштита, а не на премолчување на ризиците со кои се соочуваат.

Државата има обврска да ги подготви младите за животот, а не да ја прилагодува науката на нечии идеолошки убедувања.