Skip to main content
Свет

Гугл ќе плати 1,4 милијарди долари поради нарушување на приватноста во Тексас

10/05/2025  17:11

Компанијата „Гугл“ постигна договор со Тексас и се согласи да плати 1,375 милијарди долари поради обвинувања за прекршување на законите за заштита на приватноста на корисниците, соопшти државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон.

Спогодбата опфаќа две тужби кои се однесуваат на три производи на компанијата и наводното прекршување на законите за заштита на потрошувачите во Тексас.

– Во Тексас, големите технолошки компании не се над законот. Гугл со години тајно ги следеше движењата на луѓето, нивните приватни пребарувања, па дури и гласот и геометријата на лицето преку своите производи и услуги. Се спротивставив и победив, изјави Пакстон.

Деталите за спогодбата не се објавени, ниту е прецизирано како ќе се искористат средствата. Гугл соопшти дека спогодбата се однесува на наводи поврзани со „инкогнито“ режимот, историјата на локации и биометриските податоци.

Компанијата не призна никаква одговорност, наведувајќи дека со спогодбата се решаваат стари обвинувања кои се поврзани со политики што веќе се променети.