Skip to main content
Хроника

Побарал 100.000 евра, па нападнал со нож – двајца браќа завршија во болница

06/07/2026  13:57

Двајца браќа се здобиле со повреди во напад со нож што се случил во тетовското село Пршовце, откако претходно, според нивната пријава, добиле закани и барање да му исплатат 100.000 евра на осомничениот, информира Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од МВР, на 5 јули во 23:35 часот во СВР Тетово, 41-годишниот С.А. и неговиот брат А.С. (42) пријавиле дека околу 21:00 часот, додека С.А. престојувал во угостителски објект, телефонски бил контактиран од Д.И. (37) од Тетово. Во разговорот, осомничениот наводно побарал да му бидат исплатени 100.000 евра, при што упатил и сериозни закани.

Подоцна истата вечер, тројцата се сретнале на улицата „120“ пред маркет во Пршовце. Осомничениот пристигнал со мотоцикл, а по кратка вербална расправија дошло до физичка пресметка.

Во еден момент, според пријавата, Д.И. извадил нож и се обидел да го нападне С.А. Неговиот брат А.С. се вмешал за да го заштити, при што бил прободен со нож. Во нападот повреди добил и С.А.

Повредените браќа веднаш биле пренесени во Клиничката болница во Тетово, каде што им била укажана лекарска помош.

Осомничениот истиот ден, околу 22:20 часот, сам се пријавил во Полициската станица во Тетово. По преземените полициски мерки, во 23:20 часот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното расчистување и документирање на случајот, против 37-годишниот тетовец ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.