Skip to main content
Свет

Градоначалник на италијански град го ограничува автобускиот сообраќај поради масовниот туризам

31/01/2025  11:09

Градоначалникот на популарниот италијански ски-центар Рокарасо, Франческо ди Донато, го ограничи бројот на автобуси дозволени во градот на 100 во текот на викендот поради проблемот со прекумерниот туризам, објави денеска „Гардијан“.

Минатиот викенд 260 автобуси со над 10.000 туристи од јужните италијански региони пристигнаа во Рокарасо.

Ди Донато рече дека одморалиштето веќе е зафатено, но дека никогаш немало прилив на туристи како минатиот викенд, пренесува „Танјуг“.

Тој навести дека можеби ќе повика војска за да го реши проблемот, но засега го ограничи бројот на туристички автобуси што ќе може да влезат во градот в сабота и в недела на 100, а автобуските компании ќе мора однапред да резервираат места преку интернет.

Просечно 20.000 скијачи одат во Рокарасо за време на викендите во јануари и февруари, со дополнителни 15.000 туристи што доаѓаат само за да го посетат.