
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ детално ги претстави следните фази од проектот за булеварот „Македонија“ и подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“, најавувајќи дека целиот капитален проект ќе биде целосно завршен.
Според Ѓорѓиевски, првичниот план предвидувал во текот на неговиот мандат да биде реализирана само првата фаза. Сепак, како што посочи, по финансиската стабилизација на Градот и воспоставувањето поголема финансиска дисциплина, била донесена одлука да се продолжи со реализација на проектот до негово целосно завршување.
Проценетата вредност на проектот изнесувала околу 1,1 милијарда денари. По спроведената постапка, договорената вредност со избраниот изведувач изнесува околу 750 милиони денари со ДДВ, според информациите што ги изнесе градоначалникот.
Разликата во средствата, како што објасни Ѓорѓиевски, преку ребаланс е пренаменета за реализација на дополнителните сообраќајни решенија, меѓу кои спојувањата и новите кружни текови.
Градежните активности на потегот од Кисела Вода кон тунелите веќе се започнати, а рокот за завршување на оваа фаза е до крајот на следната година.
Проектот предвидува изградба на два нови кружни тека. Првиот ќе биде во близина на МВР и ќе ги поврзува улиците „Огњан Прица“ и „Јордан Мијалков“, додека вториот е предвиден во правец кон „Рамстор“ и централното градско подрачје.
Кај МВР дополнително треба да биде изградена и нова пумпна станица, која треба да го реши долгогодишниот проблем со поплавувањето на овој дел од градот при пообилни врнежи.
За време на градежните активности, улицата „Јордан Мијалков“ ќе функционира како двонасочна улица. Ѓорѓиевски побара разбирање и трпение од скопјани поради привремените промени во сообраќајот.
Според градоначалникот, станува збор за капитално сообраќајно решение кое треба долгорочно да го растовари центарот на Скопје.
„Овој проект го решава сообраќајниот метеж за наредните 100 години“, порача Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
По завршувањето на втората фаза, според најавите, веднаш и без прекин ќе започне финалната етапа – излезот кај „Нова Македонија“.
И на овој потег е предвидена изградба на нов кружен тек, како и проширување со дополнителна сообраќајна лента во правец кон Цветниот пазар, сè до Католичката црква.
Во однос на имотно-правните прашања, Ѓорѓиевски посочи дека процесот на експропријација на потегот кон Кисела Вода е пред самиот крај.
За делот кај Цветниот пазар, доколку реализацијата на проектот наложи дислокација на закупците, градоначалникот најави дека Град Скопје ќе понуди соодветни алтернативни решенија.
Ѓорѓиевски порача дека при реализацијата на проектот приоритет ќе има колективниот интерес и обезбедувањето функционално сообраќајно решение за Скопје.

