
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше во работна посета на средното училиште „Здравко Цветковски” каде што беа презентирани новите машини за подно чистење на училниците и ходниците во сите скопски средни училишта.
– Секое утро нашите средношколци заслужуваат да влезат во чисто и уредно училиште. Затоа набавивме машини за подно чистење за градските средни училишта. Со нив, вработените кои секојдневно се грижат за хигиената, ќе можат побрзо и потемелно да ги исчистат и долгите ходници и училниците во кои се образува иднината на Скопје. Ним им должиме благодарност за трудот и современа опрема што ќе им ја олесни работата. Како градоначалник, моја одговорност е на вработените да им обезбедам подобри услови за работа, а на учениците да им отворам нови можности. Мојата заложба е секој млад човек, во кој било дел од Скопје да расте, во своето училиште да ги добие и условите и шансата да покаже колку може – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека во изминатава година во средните училишта на Град Скопје се обновени спортските терени, а училниците се опремени со нов мебел, компјутери, лаптопи и интерактивни табли.- Обезбедивме ормарче за секој ученик, бесплатни униформи за учениците од прва година и лаптопи за првенците на генерацијата. Во „Димитар Влахов” отворивме фризерско-козметички салон каде што учениците го учат занаетот со професионална опрема. Организиравме бесплатен едукативен камп во Охрид, а за оваа зима предвидовме и ски-викенд за средношколците. Поставуваме фотоволтаици во училиштата, а следната година ќе градиме и две нови средни училишта, едно во Драчево и едно во Ѓорче Петров – нагласи Ѓорѓиевски.
