Skip to main content
Магазин

Големо откритие во физиката: Создадени првите нуклеарни часовници во светот

11/10/2026  13:59

Научници од Кина и Австрија ги конструираа првите нуклеарни часовници – уреди што би можеле да придонесат кон нашето разбирање на фундаменталните закони на физиката. Станува збор за два независни прототипа на новото поколение атомски часовници коишто го мерат времето преку следење на промените во самото атомско јадро, поточно – меѓу протоните и неутроните, пренесува Евроњуз (Euronews)“.

Нуклеарните часовници не се обични часовници што го прикажуваат времето, туку ултрапрецизни уреди коишто го мерат времето врз основа на промените во атомското јадро. За разлика од конвенционалните часовници што може да имаат благи отстапки (да доцнат или да забрзаат), овие уреди на крајот би можеле да го мерат времето со уште поголема прецизност од денешните атомски часовници.

Ова е значајно и за секојдневниот живот, бидејќи прецизното мерење на времето овозможува функционирање на ГПС-навигацијата, мобилните мрежи и интернетот.

Нуклеарните часовници би можеле да ја подобрат прецизноста на навигацијата и сигурноста на комуникациските мрежи. Часовникот се заснова на ториум-229, редок атом чие јадро може да преминува меѓу енергетски состојби кога е изложено на ултравиолетова ласерска светлина. Тоа е единственото познато атомско јадро со такво својство. За таа цел, научниците развија специјален ласер којшто лачи ултравиолетова светлина со бранова должина од 148,4 нанометри. Тие го насочиле ласерскиот зрак кон мали кристали од калциум флуорид коишто содржат ториум-229.

Клучниот резултат од истражувањето е потврдата дека концептот на нуклеарен часовник функционира. За време на пробите, ласерот остана синхронизиран со јадрото на ториум-229 и одржуваше стабилен ритам, постигнувајќи доволно висока прецизност.