
Голема полициска акција е во тек на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, насочена кон разбивање криминална група.
Според неофицијални информации, акцијата е насочена кон лица осомничени за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и суплементи, како и за коруптивни кривични дела.
Полициски екипи вршат претреси на повеќе од десетина локации во трите града, меѓу кои и на подрачјето на скопски Чаир.
Неофицијално, досега се уапсени шест лица, додека по уште неколкумина се трага.
Порталот „Курир“ објави дека меѓу лицата опфатени со акцијата има и вработени во Царинската управа.
Засега нема целосни официјални информации од надлежните институции за бројот на осомничени и приведени лица, ниту за конкретните кривични дела за кои се сомничат.
Повеќе детали за големата полициска операција се очекуваат во текот на денот.


