Skip to main content
Македонија, Скопје

Ѓорѓиевски: Скопјани ќе имаат единствена голема прослава за новогодишната ноќ, а градот ќе биде накитен до средината на декември

28/11/2026  20:37

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје, во гостување  во „Тема на денот“ на телевизија Сител, зборуваше за реализацијата на подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“, проект кој беше дел од неговите предизборни ветувања, посочувајќи дека истиот е во напредна фаза на реализација. Тој потсети дека во предизборната кампања ветил дека првата фаза од проектот, која била завршена за 90 дена, ќе ја реализира до крајот на мандатот, но стабилизираната финансиска состојба на Град Скопје, како што вели, овозможила проектот да се реализира во целост.

„Се отвори можност да ја дореализираме до крај. Тука рака подаде и претседателот на Владата, за што сум му благодарен во името на сите скопјани, со тоа што и финансиски помогна за реализација на оваа втора фаза. Земајќи го сето тоа предвид, ние влегуваме етапно во целиот процес. Откако првата фаза од делот од Кисела Вода ја завршивме веќе влеговме во втората фаза, којашто е многу посериозна. Тоа се двата кружни тека, подземното пробивање и се останато и таму содржи еден колекторски систем којшто треба да го изградиме со препунктна станица којашто треба да ги регулира водите, коишто во минатото немало изградено и не можело да бидат истретирани како што треба“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека особено внимание се посветува и на доследната реализација на предвидените активности: „Од рана пролет ќе се започне и со реализација на препунктната станица, односно колекторскиот систем, којшто треба да ги спроведе атмосферските води и да ги извади таму, нема да биде слободна гравитација туку со пумпа ќе биде тоа регулирано“.

Ѓорѓиевски одговори и на прашање во врска со новогодишното украсување на Скопје и организацијата на новогодишната прослава, при што посочи дека градот ќе биде украсен во периодот од 10 до 15 декември, а за новогодишната ноќ се предвидени исклучиво македонски изведувачи.