Skip to main content
Магазин

Финска поканува самци од цел свет на бесплатно четиридневно патување и „вечера на слепо“

30/10/2026  20:43

Финската туристичка агенција „Визит Финланд“ поканува 16 самци од цел свет на бесплатно четиридневно гастрономско патување во февруари идната година кое ќе заврши со заедничка „вечера на слепо“, во Хелсинки или Тампере.

Проектот, наречен „Финиш динер дејт“ е дел од кампањата „Хев сам финиш“ преку која државата сака да ја промовира својата гастрономија и кулинарска култура на меѓународно ниво.

Како што информираат од агенцијата, избраните учесници ќе добијат целосно бесплатно патување, вклучувајќи ги трошоците за престој, како и програма со активности и оброци за време на четирите дена. Учесниците ќе патуваат од 9 до 19 февруари, од кои осуммина за Хелсинки, а другите за Тампере.

За гастрономскиот дел од настанот ќе бидат задолжени познати фински готвачи. Менито за вечерата во Хелсинки ќе биде подготвено од Аделе Кинунен, шефица на кујна во ресторанот „Кафе Савој“ (Café Savoy), додека пак, за менито инспирирано од вкусовите покрај езерата ќе биде задолжен Хенри Тиканен од ресторанот Јеста (Gösta), кој воедно ја претставувал Финска и на престижниот Меѓународен кулинарски натпревар Бокус дор“ (Bocuse d’Or)

Идејата за организирање на ваков настан произлегла од големата популарност на таканаречените синкукори („sinkkukori“), корпи во финските продавници. Станува збор за розови корпи со кои самците им даваат знак на други купувачи дека се слободни и отворени за нови познанства. Феноменот привлече големо внимание од јавноста откако видео на една инфлуенсерка стана вирално на социјалните мрежи, по што информираа и светските медиуми.

Од финската владина организација задолжена за промоција на Финска како деловна, иновативна и туристичка дестинација, Бизнис Финланд, посочуваат дека целта на проектот не е пронаоѓање партнер, туку запознавање нови луѓе и доживување на финската култура преку храната.

– Храната е природен начин луѓето да се зближат. Целта не е да се најде партнер, туку да се вкуси финската храна и да се запознае финската култура, изјави Хели Хименез, директорка за позиционирање и бренд во организацијата

За пријавување, заинтересираните кандидати треба да снимат кратко видео на англиски јазик во кое ќе одговорат на прашањето: „Што би послужиле на вечера за двајца и зошто“.

Видеото треба да биде објавено на една од социјалните мрежи „Инстаграм, Тик-Ток или Јутјуб“ со задолжителен хаштаг „#FinnishDinnerDate“, како и означување на официјалниот профил на „Визит Финланд“. По објавувањето, кандидатите треба да го пополнат пријавниот формулар кој се наоѓа на нивната веб страница, со поставување на линк.

Крајниот рок за пријавување е 10 ноември 2026 година. Избраните кандидати ќе бидат контактирани лично, а нивните имиња ќе бидат објавени на нивната официјална страница, како и на „Инстаграм и Тик-Ток, на први декември годинава.