Skip to main content
Македонија

Филипче: Со Мицкоски нема иднина, на Македонија и се потребни промени

17/10/2025  21:05

„Мицкоски има апсолутна власт, централна, локална се е под контрола негова, а покажува историска неодговорност. Оваа Влада е историски најлоша влада од независната до денеска и тоа се виде само за една и пол година. Влада без ниту едно реализирано ветување, без план, без резултат. Влада на порази и понижувања,” истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на вечерашниот митинг во Крива Паланка.

„Каде е „нова иднина” што ја ветуваше Мицкоски пред четири години или пред година ипол? Каде се поголемите плати, економскиот тигар, каде е редот, правдата? Ништо нема од неговите ветувања. Каде се подобрите позиции, новата преговарачка рамка, гордоста, достоинството? Дали историски највисоките цени се „новата иднина”? Или најниската минимална плата, пониска дури и од соседна Албанија, е „новата иднина”? Дали инфлацијата, сиромаштијата и задолжувањата до седмо колено се „новата иднина”? Дали најниските капитални инвестиции и запрените странски инвестиции се новата иднина? Или уништеното земјоделство со родот кој скапува по нивните се иднината што ја ветуваше? Дали заглавениот европски пат е новата иднина? Не почитувани. Со Мицкоски немаме иднина!”, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ исто така истакна дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја киднапирале кампањата, сеејќи поделби, напаѓајќи го СДСМ и оцрнувајќи го претседателот на партијата Венко Филипче затоа што немаат ниту еден резултат зад себе.

„Нема ниту еден резултат да излезе пред граѓаните и да го соопшти. И нема поголемо признание за катастрофалните политики на оваа Власт од неговото однесување за време на оваа кампања”, порача Филипче.

Притоа тој рече дека Македонија има потреба од промени, стабилност и вистинска визија за иднината и тоа е барање на граѓаните.