
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ изнесе сомнеж дека една од причините за изборот на Трајко Славески за гувернер на Народната банка била да го овозможи влезот на АЛТА банка во Македонија. Тој се сомнева дека другите кандидати за функцијата не се согласиле со таквиот потег и дека поради тоа нивните имиња не биле предложени до Собранието.
„Ние имаме сомнеж дека една од причините зошто е гувернер е дека требало да дозволи влез на ‘АЛТА банка’ во Македонија, дека другите кандидати не се согласиле на тоа и затоа не биле номинирани, предложени до Собранието“, изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ ја оцени реакцијата на Славески на прашањата за банката како панична и како обид да се пренасочи вниманието. Тој се осврна и на изјавата дека гувернерот за ова прашање се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски.
Филипче рече дека верува оти таква консултација имало. Тоа го поврза со својата оценка дека премиерот се меша во работата на повеќе институции, меѓу кои и во правосудството.
„Христијан Мицкоски е човек што се меша во сè, тој се меша во правосудството“, рече Филипче.
Тој го обвини премиерот и дека јавно дискредитира обвинители и дека се обидува да влијае врз медиумите. Повикувајќи се на интервју на Мицкоски за Телма, Филипче тврдеше дека премиерот зборувал за можноста да се нарачуваат текстови во медиумите. Ваквото однесување го оцени како „автократски манир“ на владеење, кој, според него, ја држи државата во сиромаштија и изолација.
Запрашан за обвинувањата дека претходната влада предводена од СДСМ ѝ го отворила патот на АЛТА банка да влезе во земјава, Филипче одговори: „Тоа е само уште една лага“.

