Skip to main content
Економија

Додека Европа отвора нови рудници, Македонија сè уште има само една голема рударска инвестиција

31/07/2026  11:09

Шведска го става рударството во фокусот на својата национална стратегија, прогласувајќи го ископот на критични минерали за прашање од безбедносен интерес. Целта е побрзо отворање нови рудници и намалување на зависноста од увоз на стратешки суровини.

За разлика од ваквиот пристап, Македонија во моментов има само една поголема најавена инвестиција – рудникот за бакар во Иловица, чија реализација се одложува со години. Истовремено, земјата допрва треба да ги донесе новите закони за рударство и геологија за усогласување со европските стандарди, додека уделот на рударството во индустријата продолжува да се намалува.

„Оваа одлука треба да го олесни и забрза процесот на добивање дозволи за нови проекти за екстракција и да помогне во привлекувањето на инвестиции. Шведска мора да стане водечка рударска нација. Владата има намера да ги поедностави процедурите за овластувања, за да може побрзо да се донесуваат одлуки“, изјави вицепремиерката и министерка за енергетика Еба Бош.

Министерката додаде дека зависноста од Кина претставува „системски ризик“.

„Веруваме дека ова може значително да придонесе за одбранбените капацитети на Шведска, но исто така и на ЕУ и на НАТО. Без да има ваква одлука, едноставно кажано, на Владата ѝ недостасуваат конкретни алатки за мудро да придонесе за забрзување и привлекување инвестиции во клучни стратешки проекти“, нагласи шведската министерка.

Како што пишува „Дојче веле“, Шведска е европски рударски гигант уште од 10-тиот век со отворањето на огромниот рудник за бакар Фалун, кој во еден момент од европската историја произведувал дури две третини од бакарот на континентот. Сега овој рудник е музеј и светско наследство според УНЕСКО.

Овој шведски индустриски гигант е заменет од огромниот рудник за железна руда LKAB во градот Кируна во Арктичкиот круг. Шведска поседува околу 60% од познатите наоѓалишта на железна руда во Европа и, од 2021 година, беше одговорна за околу 90% од екстракцијата на железна руда во Европа. Во близина на рудникот кај Кируна се наоѓа откритието Пер Гејер, водечки проект на ЕУ кој има за цел да ја намали зависноста од минерали од Кина. Ова е област каде што се идентификувани околу 1,2 милијарди тони минерални ресурси, вклучувајќи околу 2,2 милиони тони оксиди на ретки земни минерали. Четири од 47-те стратешки проекти на ЕУ насочени кон намалување на зависноста за минерали од Кина се наоѓаат во Шведска.

Кај нас постојат само четири металични рудници, од кои само еден за критичниот минерал бакар. Тоа е рудникот „Бучим-Боров дол“, кој ги исцрпува капацитети. Од друга страна, постои значајна инвестиција за рудник за бакар во Иловица, но таа се уште не се реализира. Овој проект за рудник за бакар во Иловица би бил сериозна инвестиција во македонската економија. Бакарот достигнува цени и до 14 илјади американски долари за еден тон, а според геолошките истражувања на локалитетот има над 700 илјади руден концентрат, со потенцијал за извоз од над 10 илјади тони бакар на годишно ниво. Доколку се земе предвид дека во согласност со новиот поскап Тарифник за концесиски надоместоци, „4% од пазарната вредност на бакар по тон во секој тон произведен бакарен концентрат од страна на концесионерот“ завршува во државниот буџет, тогаш значително ќе се зголеми буџетскиот приход, но и македонскиот извоз. Претходно, голем број на домашни експерти го поздравија проектот, меѓу кои и претседателката на Македонското геолошко друштво, Соња Лепиткова. 

„Низ годините наназад се гледа дека во одредени делови на Македонија рударските капацитети придонеле, не само за местата каде што постојат, туку на целиот регион и на целата држава. Ова е моментот кога Европа и целиот свет кубурат со ретки, расеани, критични минерали коишто ние ги имаме и ние тој момент треба да го искористиме. Секако, сѐ она што се работи да биде со високи перформанси, еколошки запазени стандарди и од тоа да нема никаква отстапка“, изјави универзитетската професорка по геологија, Лепиткова.

Дури и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 се потенцира дека „денешниот силен меѓународен фокус на суровините значи дека е важно Република Северна Македонија да биде поистакната како рударска нација и активно и успешно да учествува во меѓународните дискусии и активности кои се занимаваат со идната продажба на суровини и нивното користење“.

(ПР)