Skip to main content
Македонија

Дедо Мраз и супер херои од цртаните филмови им поделија пакетчиња на хоспитализираните на Детската клиника

22/12/2025  17:20

Соработник на тимот за одговор при катастрофи на Црвениот крст на град Скопје, маскиран во Дедо Мраз и волонтери маскирани во костуми на омилените супер херои од цртаните филмови денеска се спуштија по јаже од хеликоптер и им поделија пакетчиња на децата хоспитализирани на Универзитетската клиника за детски болести. 

Вежбата се организираше во соработка со МВР и Хеликоптерска единица.

Директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди рече дека ова е традиционална акција на Црвениот крст на град Скопје во која Дедо Мраз и другите јунаци од детските филмови ги израдуваа децата со новогодишни пакетчиња. Тој се заблагодари на Црвениот крст на град Скопје, чии тимови, како што појасни, носат радост барем во последните денови од годината на децата кои мораат да останат на болничко лекување.

– Околу 100 деца во моментов добиваат болнички третман и најголем број од нив ќе мора и во деновиве пред Новата година да останат во клиниката поради нивната состојба. Со ваквите акции ја ублажуваме нивната болка и им носиме радост за да ги поминат во поубава атмосфера овие денови, додаде д-р Мемеди. 

Арѓенд Чилафи, стручен соработник во тимот за одговор при катастрофи на Црвениот крст на град Скопје, рече дека Црвениот крст традицонално, по осми пат, под мотото „Да подариме насмевка“ и годинава е присутен на Детската клиника, дел од нив облечени во костуми, „колку толку да украдат некоја детска насмевка“.