Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на одбележувањето на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, денеска во Штип го посети Универзитетот „Гоце Делчев”.
Претседателката положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, лоциран пред Ректоратот на универзитетот.
Таа присуствуваше на свечената програма во чест на раѓањето на македонскиот револуционер и имаше средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев”, проф. д-р Дејан Мираковски, на која присуствуваа градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, пратеници, декани од ректорската управа и претставници од Универзитетското студентско собрание.
Укажувајќи дека како професорка денес е на вистинското место – Универзитетот со Гоцевото име, претседателката Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите истакна дека Гоце Делчев е неразделен од македонскиот народ, дека и по 153 години е сѐ уште жив, и дека следните 153 години ќе продолжи Гоцевата приказна.
Таа ја потенцира нераскинливата врска меѓу Гоце и македонската република.
Нарекувајќи го учител над учителите, претседателката посочи дека огромната улога на Гоце Делчев се должи не само на неговата храброст како војвода и борец за слобода на македонскиот народ, туку и на неговата прогресивна мисла, којашто и денес е актуелна.
Споменувајќи ги неговите препознатливи пораки и цитати, таа додаде дека Делчев ни оставил аманет културно да се натпреваруваме со останатите, бидејќи тоа е силата на малите народи.
За време на посетата на градот, претседателката го посети и Музејот на дејците на ВМРО од Штип и штипско.