
Првиот министер за правда во независна Македонија, Туше Гошев, во специјалното издание на „Отворено студио“ на 4ТВ, посветено на независноста на Македонија, се наврати на бурниот период на осамостојувањето на државата, подготовките за референдумот и притисоците со кои, според неговото сведоштво, се соочувале тогашните носители на државни функции.
Гошев раскажува дека во тој период имало официјални и неофицијални закани и притисоци, кои, како што тврди, понекогаш се манифестирале и преку сообраќајни несреќи и други инциденти.
Како пример го наведува сопственото искуство. Според неговото сведоштво, во еден инцидент бил удрен со автомобил дури трипати – нанапред и наназад. Гошев вели дека возачот потоа излегол од автомобилот и си заминал, а случајот до денес не бил расчистен.
„Ништо не може да ме застраши, ни да ме уплаши. Ништо“, порача Гошев, зборувајќи за атмосферата и притисоците во периодот кога се создаваше независната македонска држава.
Во интервјуто за 4ТВ тој се осврна и на своето потекло и семејната историја. Гошев раскажува дека неговото семејство потекнува од Кукуш, а според семејните преданија, неговите предци биле поврзани со македонското револуционерно движење и со Гоце Делчев.
Посебен дел од разговорот беше посветен на подготовките за референдумот за независност. Според Гошев, формулацијата на референдумското прашање била резултат на сериозни дискусии во Собранието, во време кога требало да се донесе една од најважните одлуки за иднината на државата.
Тој сведочи дека кај дел од тогашните политичари постоел страв од можните реакции на Југословенската народна армија и од опасноста Македонија да биде вовлечена во конфликт. Сепак, според Гошев, референдумот бил неопходен чекор за Македонија да се конституира како самостоен субјект во меѓународниот правен поредок.
„Ако не сте субјект, нема со кој да разговараат. Ќе бидете колонија, поробен народ. А ако сте субјект, тогаш можете да разговарате и за можен иден сојуз со другите републики“, објаснува Гошев.
Според него, токму осамостојувањето ѝ овозможило на Македонија самостојно да ги застапува и штити своите интереси и да настапува како рамноправен субјект во меѓународните односи.
Сведоштвото на Гошев фрла светлина врз политичката атмосфера во која се подготвувал историскиот референдум и врз дилемите и притисоците што го придружувале патот кон независноста.

