
Триесет и пет години по независноста, Македонија мора да погледне подалеку од дневнополитичките спорови и да се посвети на зачувувањето на општото добро и изградбата на силни институции, порача архитектот, професор и автор на македонското знаме, Мирослав Грчев, во специјалното издание на „Отворено студио“ на 4ТВ посветено на 8 Септември.
Осврнувајќи се на патот што државата го изминала во изминатите три и пол децении, Грчев посочи дека Македонија поминала низ бројни искушенија, транзиции и крахови, а денес, според него, повторно се соочува со меѓународна блокада.
Тој оценува дека огромен дел од политичката и општествената енергија се троши на меѓународните спорови, додека во втор план остануваат прашањата од кои директно зависи иднината на државата и квалитетот на животот на граѓаните.
Меѓу нив ги посочи заштитата на водните ресурси, пошумувањето, справувањето со последиците од климатските промени и, пред сè, изградбата и зачувувањето на функционални јавни институции.
Грчев беше критичен и кон состојбите во јавните системи, оценувајќи дека Македонија во изминатите децении успеала да демонтира некогаш моќни системи на бесплатно и универзално здравство и образование.
Во „Отворено студио“ тој зборуваше и за државните симболи, особено за знамето чиј автор е самиот тој.
Според Грчев, во Македонија постои неоправдан страв од каква било интервенција или усовршување на државните симболи, иако нивното графичко и техничко подобрување не е невообичаена практика во светот.
Тој не предлага промена на суштинскиот мотив на македонското знаме. Сонцето и црвената боја, според него, треба да останат бидејќи носат историски континуитет.
Она што може да се подобри е графичката и техничката изведба, особено начинот на кој сончевиот диск се поврзува со зраците. Со таква доработка, смета Грчев, знамето би добило почист, поелегантен и попрецизен изглед, без да се менува неговиот основен идентитет.
Но, три и пол децении по осамостојувањето, неговата главна порака е дека предизвикот за Македонија е многу поголем од визуелното усовршување на државните симболи.
Зад знамето и другите државни инсигнии, според Грчев, мора да стои силна држава со функционални институции, способна да го заштити општото добро и долгорочниот интерес на сите граѓани.

