Skip to main content
Хроника

Четворица приведени по натпреварот Шкендија Арачиново – Тиквеш, кај еден пронајдена марихуана

01/11/2026  19:10

Четири лица од Скопје се лишени од слобода по завршувањето на фудбалскиот натпревар меѓу Шкендија Арачиново и Тиквеш, кој денеска се одигра на стадионот на Шкупи во Чаир, соопшти МВР.

Полицијата ги привела М.А. (33), Ф.Р. (21), М.Џ. (31) и Д.Ј. (36) поради повикување и учество во тепачка. Тие се однесени во полициска станица, каде што им се составени записници за констатиран прекршок според Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

При приведувањето, кај 33-годишниот М.А. била пронајдена марихуана, поради што полицијата постапила и по член 215 од Кривичниот законик.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.