Skip to main content
Македонија

Буџетот е во добра кондиција, вели Димитриеска-Кочоска, се полни според планираното

14/04/2025  15:51

Полнењето на државната каса се одвива подобро од планираното. Извршувањето на буџетот оди според очекувањата. Биле собрани повеќе приходи во март и април споредено со првите два мееци од годинава. Министерката за финансии Димитриеска- Кочоска вели дека треба да се почекаат финалните извештаи, но дека се прваат напори да се анализира поврзаност на компании, да се зголеми присилната наплата, да се наплатат дивидендите и во крајна мера, вкупно да се зголемат даночните приходи. Министерката уверува дека особено добри биле финансиските резултати за тековниот месец април.

Институциите успеале да реализираат 73 милиони евра или 10% од вкупно предвидените годишни капитални инвестиции до 8-ми април годинава. Министерката Димитриеска-Кочоска вели дека климатските услови биле неповолни за одвивање на инфраструктурните проекти. Ветува дека граѓаните повеќе ќе немаат вештачка слика за реализација на капиталните проекти. Како завршени повеќе нема да се евидентираат платени аванси и гаранции, бидејќи тоа не било градење и обнова, туку вештачко прикажување дека се сработило повеќе од реалното.

Министерката е задоволна од полнењето на државната каса по основ на царини. Во врска со проблемот со наметнатите поголеми царински стапки од страна на САД и нивното стопирање во период од 90 дена, Димитриеска – Кочоска вели дека тоа е шанса за Македонија директно да извезува таму. 10% царини е нешто што е прифатливо за најголем дел од државите. Следната недела Министерката ќе оди на редовните пролетни средби со Светска Банка и ММФ во Вашинтон, кадешто ќе ја искористи приликата да преговара со челниците за олеснување на трговската размена.