Skip to main content
Свет

Британија потрошила 100 милиони фунти на гранични пунктови кои никогаш не биле искористени

08/11/2026  22:07

Велика Британија потрошила најмалку 100 милиони фунти од парите на даночните обврзници за изградба на гранични контролни пунктови по Брегзит, кои никогаш не биле искористени или никогаш не проработеле со полн капацитет.

Според податоците на Даночната и царинската управа (ХМРЦ), до кои дојде весникот „Гардијан“, пет од седумте планирани внатрешни гранични објекти во Англија и Велс никогаш не биле пуштени во употреба.

Конзервативната влада во меѓувреме се откажа од воведувањето целосни гранични проверки, заклучувајќи дека храната што пристигнува од Европската Унија исполнува исто толку високи стандарди како и пред Брегзит.

Националната канцеларија за ревизија минатата година ги процени вкупните трошоци за Брегзит на 4,7 милијарди фунти, но таа цифра ја опфаќа и повеќегодишната трансформација на софтверот за царински декларации, како и други системи развиени поради излегувањето на Британија од единствениот пазар.

Пристаништето Портсмут, кое е во сопственост на градскиот совет, потроши 23 милиони фунти за изградба на својот граничен контролен пункт. Тој објект никогаш не беше искористен со полн капацитет, токму поради одлуката да се намали обемот на контролите. Како што се наведува, пристаништето за овој проект доби 17,1 милион фунти државни средства, додека градскиот совет мораше да ги покрие преостанатите шест милиони фунти – пари кои инаку можеа да бидат потрошени за неопходни јавни услуги.

ЕУ од првиот ден ги воведе сите контроли во Кале, Даблин и другите европски пристаништа, имајќи предвид дека Велика Британија преку ноќ доби статус на „трета земја“.

Најконтроверзниот британски објект беше познат како „Белите карпи на Довер“. Огорчените жители на селото Гастон дознаа за плановите за изградба на тој граничен објект во внатрешноста на земјата на 31 декември 2020 година, само неколку часа пред стапувањето во сила на Брегзит, кој подразбираше контроли на сите камиони што го преминуваат Ламанш.

Податоците на британската даночна и царинска управа покажуваат дека тој објект досега ги чинеше даночните обврзници 28 милиони фунти, иако станува збор за обична полјана. Министерството за сообраќај издвои 21 милион фунти за купување на земјиштето, а дополнителни седум милиони беа потрошени за почетни теренски работи, вклучувајќи и археолошки истражувања за проверка дали на локацијата има остатоци од римско време.

Како што се наведува, спротивно на овие пропаднати проекти, само два внатрешни пункта – Севингтон и Холихед – останаа во функција, но нивните трошоци за изградба и одржување исто така достигнаа стотици милиони фунти.