
Маж и жена од Јапонија биле уапсени и депортирани од Кина поради „скандалозно однесување“ за време на нивната посета на Кинескиот ѕид.
Сѐ почнало невино, или барем засегнатите така мислеле, кога сопругот решил да се пошегува па го покажал задникот додека жената го фотографирала. Меѓутоа, тој чин, којшто според кинеските закони се смета за „навреда на јавната пристојност“, предизвика бес и доведе до брза депортација на прекршителите, истакнувајќи го судирот на културните норми меѓу Јапонија и Кина, пишуваат кинеските медиуми.
По инцидентот, обезбедувањето на историскиот споменик веднаш реагирало и ги приведе мажот и жената. Поради нивните постапки, тие биле уапсени и две недели биле в затвор пред депортацијата во Јапонија.
Јапонското Министерство за надворешни работи потврди дека туристите „на крајот биле ослободени и вратени во Јапонија“ и оти тоа се случило во јануари, иако веста е објавена сега.
За време на нивниот разговор со дипломатите и надлежните кинески власти, ослободените се правдале дека тоа било шега. Но, нивното објаснување не ја намалува сериозноста на културниот престап и прекршувањето на законските прописи во Кина.