
Странските инвестиции се еден од најконкретните показатели за резултатите од владините економски политики. Премиерот Христијан Мицковски извести дека за две години, приливот на странски директни инвестиции достигнал околу 1,4 милијарди евра, што е 86 проценти повеќе во споредба со споредливиот период од првите две години на претходната Влада, кога изнесувал околу 750 милиони евра.
Значаен е и растот на инвестициите по глава на жител од 405 на 752 евра, што дополнително го потврдува зголемениот интерес на странските инвеститори за Македонија.
Јасно е дека овие резултати се поврзуваат со владините политики за подобрување на деловната клима, институционална поддршка на инвеститорите и создавање услови за нови инвестиции, и странски и домашни. Наместо инвестициите да останат само на ниво на најави, тие се претвораат во конкретни производни капацитети, нови работни места и економски развој на регионите.
Пример за тоа е проширувањето на „ВИК“ во Прилеп, со потенцијал за 300 нови вработувања но и инвестицијата во ветерниот парк во Радовиш, Штип и Карбинци, чија вредност надминува 500 милиони долари и која претставува значаен чекор во развојот на енергетскиот сектор.
Половина милијарда долари во енергетиката, тоа е сигнал за доверба
Проектот на „Алказар“ за ветерниот парк во источниот дел од земјата е инвестиција од над 500 милиони долари, која треба да се реализира во три фази, со вкупен капацитет од 396 мегавати и 54 ветерни турбини. За првата фаза од 131 мегават и 21 турбина веќе е обезбедено финансирање од 180 милиони евра преку меѓународни и домашни финансиски институции.
Овој проект има двојно значење.
Прво, претставува голема странска инвестиција и потврда дека Македонија може да биде дестинација за крупни меѓународни капитални проекти.
Второ, станува збор за инвестиција во енергетиката, сектор од стратешко значење за економијата. Според презентираните податоци, ветерниот парк во целост би обезбедувал електрична енергија за околу 148.000 домаќинства, со очекувано намалување на емисиите на CO₂ и околу 300 работни места.
Затоа овој проект може да се користи како пример дека инвестициската политика не е насочена само кон отворање фабрики, туку и кон зголемување на енергетскиот потенцијал на државата и привлекување капитал во стратешки сектори.
Токму затоа, растот на странските инвестиции може да се гледа како мерлив резултат на владините политики поголем прилив на капитал, нови инвестиции, нови работни места и создавање услови за забрзан економски раст.
Главната политичка порака е јасна: со промена на економските политики, Македонија се позиционира како попривлечна дестинација за инвеститорите, а довербата се потврдува со реален капитал што влегува во земјата.


