Skip to main content
Свет

Блумберг го објави нацрт-договорот меѓу САД и Иран: Предвиден крај на војната, отворање на Ормускиот Теснец и фонд од 300 милијарди долари за Иран

17/06/2026  16:37

Американската агенција Блумберг денеска го објави целосниот нацрт-меморандум за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, со што документот престана да биде предмет на неофицијални шпекулации. Според објавата, текстот од 14 точки е идентичен со нацртот што вчера ексклузивно го објави арапската телевизија „Ал Арабија“, што дополнително ја засилува неговата веродостојност.

Според информациите на Блумберг, официјалното потпишување на меморандумот е планирано за во петок, 19 јуни, во Швајцарија. Со тоа би започнал период на преговори од најмногу 60 дена, чија цел е постигнување конечен мировен договор, деблокирање на клучните енергетски правци, вклучително и Ормускиот Теснец, како и утврдување нови правила за иранската нуклеарна програма.

Според нацртот, САД и Иран, заедно со своите сојузници во актуелниот конфликт, би прогласиле итен и траен прекин на воените дејствија на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан. Двете страни се обврзуваат да го почитуваат меѓусебниот суверенитет и територијален интегритет и да се воздржат од употреба на сила.

Документот предвидува САД веднаш да ја укинат поморската блокада, да овозможат нормализирање на бродскиот сообраќај во рок од 30 дена и, по постигнувањето конечен договор, да ги повлечат своите сили од околните региони. Истовремено, Иран би презел мерки за повторно отворање на пловните правци меѓу Персискиот Залив и Оманското Море.

Во економскиот дел од документот се предвидува подготовка на план за обнова и развој на Иран со финансиска поддршка од најмалку 300 милијарди долари. Покрај тоа, Вашингтон би започнал процес на укинување на санкциите, би овозможил извоз на иранска нафта и петрохемиски производи, како и ослободување на замрзнатите ирански финансиски средства.

Од своја страна, Иран повторува дека нема да произведува нуклеарно оружје. Прашањата за збогатениот нуклеарен материјал и останатите аспекти на нуклеарната програма би биле предмет на конечниот договор, додека до неговото потпишување двете страни ќе го задржат постојниот статус.

Нацртот предвидува и воспоставување механизам за следење на спроведувањето на договорот, а конечниот мировен документ би бил потврден со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Според дел од аналитичарите, предложениот документ претставува значителен дипломатски успех за Техеран, бидејќи предвидува укинување на блокадата, економско олеснување и пристап до замрзнатите средства, додека најчувствителните прашања околу нуклеарната програма се оставаат за понатамошни преговори. Истовремено, се оценува дека ваквиот договор би имал сериозни последици врз регионалната безбедносна рамнотежа и индиректно би влијаел врз позицијата на Израел, кој не се споменува директно во текстот на нацртот.